mksqen
11
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Помош и за животните по железничката несреќа во Хитрино

Помош и за животните по железничката несреќа во Хитрино

Типографија

Животот во бугарското село Хитрино е тежок и за луѓето и за животните, по железничката несреќа на 10 декември во која загинаа седум луѓе, а се излеаја цистерни со хемикалии кои ја загадија околината.

Организацијата „Четири шепи“ деновиве е во селото и ги храни животните.  Преку оваа организација се обезбедени над 10 тони храна, и тоа околу 2.500 килограми жито, девет тони сено и еден тон храна за кучиња и за мачки. Селото е полуразурнато и евакуирано, па многу животни се оставени сами.

Според претставниците од „Четири шепи“, храната ќе биде доволна за сите домашни животни и за добитокот во селото за еден месец. Пред да почне оваа акција, мал тим од организацијата престојувал во селото за да процени колкави се потребите.

  • Снабдувањето на животните со храна е неодложно, откако резервите на жито и на сено во селото се уништени од излевањето на гасот, како и од водата и од хемикалиите што се користеа за да се угаси пожарот - вели д-р Марина Иванова, директорка на бугарскиот огранок на оваа светска организација.

Во селото се останати околу 150 овци, десетина крави, десетина коњи и магарица, стотина патки и кокошки, 50 кучиња и 50 мачки.

  • Исто како и луѓето, животните преживуваат многу тешки последици по тоа што се случи. Екипата е подготвена да им укаже и медицинска помош на тие што се ранети или повредени - дополнува Иванова.

За акцијата досега се обезбедени околу 2.500 евра, а од организацијата повикуваат да се донираат пари за таа да може да продолжи. „Четири шепи“ располага со обучена екипа за помош на животни во време на природни несреќи и хаварии. Досега организирале спасувачки мисии во поплавите во Мизија, Дебелец и во Килифарево во Бугарија, како и во Србија и во Босна и Херцеговина. Специјалисти од овој тим учествувале и во спасувачки мисии во поплавите во Мијанмар и по ураганот Хајан на Филипините.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Балкан