Градските власти на Белград донесоа одлука за работно време на угостителските објекти за да се реши проблемот со бучавата во централните улици Зетска, Скадарска и Цетинска.
Градскиот менаџер Горан Весиќ рекол дека ограничувањата се однесуваат на објектите што се на 150 метри воздушна линија од стамбените згради на овие улици. Тие ќе може да работат од 6 до 24 часот, освен во петок и во сабота кога може да останат отворени до 1 часот по полноќ. Но музика ќе смеат да емитуваат само до 23 часот во работните денови, а до полноќ во петок и во сабота, што значи дека во последниот час од работното време ќе мора да бидат тивки.
- Ова е привремено решение за тие три улици, а во Скадарлија ќе може да се емитува акустична музика како и досега - додал Весиќ.
Тој истакнал дека градската власт бара трајно решение за овој проблем во измени и дополнувања на законот за бучава и за води. Според градскиот менаџер, главниот проблем се клубовите што се сместени во поранешната пиварница, која е приватизирана, а сопственикот ги издал на лица „што го нарушуваат комуналниот ред“. Тој додал дека проблем со бучавата постои и во други делови на Белград и сето тоа ќе мора да се регулира, вклучувајќи ја бучавата и од сплавовите на реката Сава.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS