mksqen
11
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Од идниот месец органски семиња за преку 100 сорти

Од идниот месец органски семиња за преку 100 сорти

Типографија

Повеќе од 100 сорти органски семиња на градинарски, лековити, зачински култури, жита и цвеќиња ќе бидат достапни на македонскиот пазар од март годинава.

Ова е предвидено со Договорот што го потпишаа дистрибутерот „Евгени“ и швајцарскиот производител „Сатива Реинау“.

Според сопственикот на  „Сатива Реинау“ Амадеус Шунке, во Македонија постојат одлични услови за производство на органски производи, но и за производство на квалитетен семенски материјал.

  • Лани направивме пробно производство на органски грав од сортите „ред кидни“ и „борлоти“ за швајцарскиот пазар, за да видиме дали  се погодни за производство во Македонија. По одличните резултати и приноси, одлучивме оваа година да воведеме нови производи и култури и да вклучиме повеќе земјоделци, како и да видиме која е можноста за локално производство на семенски материјал - вели Шунке кој веќе остварил, како што додаде, и контакти за пробно производство на семиња за пченка и неколку сорти грав атрактивни за странските пазари.

Драган Гечески од компанијата „Евгени“ смета дека досега органските семиња беа недостапни на македонскиот пазар, а органските производители се снабдуваа со нетретирани семиња или набавуваа семиња по сопствени канали.

  • Со овој Договор го надминуваме тој проблем и на домашниот пазар ќе понудиме разновиден семенски материјал со врвни карактеристики. За почеток ќе понудиме две програми и тоа професионална - за органски производители во поголеми количини и хоби програма - за производство во домашни услови - истакнува Гечески.

Соработката на „Евгени“ и „Сатива Реинау“ е реализирана во рамки на активностите за унапредување на пазарот на органско производство во Македонија на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ). Во следниот период, со поддршка на ИМЕ, ќе се разгледаат и можностите за заштита и комерцијализација на одредени автохтони семенски сорти од Македонија.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS