mksqen
11
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Во Црна Гора може да се отворат 17.500 зелени работни места до 2020 година

Во Црна Гора може да се отворат 17.500 зелени работни места до 2020 година

Типографија

Според извештај подготвен од УНЕП и УНДП, во Црна Гора може да се отворат 17.500 нови работни места во наредниве неколку години, преку инвестиции во зелената економија, пред се во туризмот и во сродните дејности.

Дури 95 отсто од овие работни места би можеле да се отворат преку мерките за енергетска ефикасност во градежништвото и во транспортот.

Концептот на зелена економија е веќе вклучен во Националната стратегија за одржлив развој на Црна Гора до 2030 година. Според Ивана Војиновиќ, која го раководи Директоратот за животна средина, фокусот ќе биде ставен на енергијата, градежништвото, земјоделството и услужните дејности, односно туризмот.

  • Потенцијалот за зелени работни места е во изворите за обновлива енергија, рециклирањето јавниот и железнички транспорт, енергетската ефикасност на зградите, органското земјоделство и одржливите мали фарми, одржливото користење на шумите и работните места во туризмот - изјавила Војиновиќ.

Далиборка Пејовиќ, државна секретарка во Министерството за одржлив развој и туризам, додала дека во моментов Црна Гора има 16 мали хидроцентрали, и уште неколку се во изградба.

  • Користиме само 20 отсто од нашиот воден потенцијал, а тоа ни е клучниот ресурс - истакнала Пејовиќ.

Сепак, невладините организации не гледаат одржливо решение во хидроенергијата.

  • Државата ќе инвестира десетици милиони евра, ќе купува скапа струја, а штетата врз животната средина не може да се поправи - велат Милан Кастратовиќ и Кочо Кочановиќ од НВО Перуќица.

Друг важен извор на енергија во Црна Гора може да биде сонцето, бидејќи земјата има 260 сончеви денови во годината.

Во Црна Гора во изминатиов период се отворија центри за рециклирање во Подгорица и во Херцег Нови, центри за напуштени возила во Подгорица, Беране, Цетиње и во Никшиќ, но се уште има многу работа да се едуцира јавноста за рециклирањето. Поранешните обиди со поставувањето контејнери за селектирање отпад во Подгорица не дале задоволителни резултати. Како земја-кандидат за членство во Европската унија, Црна Гора е обврзана да реупотребува и да рециклира барем 70 проценти од градежниот отпад, цел чие постигнување е премногу далеку. Се планира системот за управување со отпадот да се подобри до 2020 година.

Вкупно 13 отсто од територијата на Црна Гора е под заштита. Тука се вклучени и петте национални паркови. Според УНДП, овие места и носат на државата 68 милиони евра годишно, што е 2,2 проценти од нејзиниот бруто-домашен производ. Околу 60 отсто од површината на земјата се шумски подрачја.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Балкан