mksqen
11
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Охридско Езеро порибено со 30 илјади млади јагули

Охридско Езеро порибено со 30 илјади млади јагули

Типографија

Охридско Езеро е порибено со нови 30 илјади парчиња подмладок од јагула со големина од 35 до 40 грама од АД ЕЛЕМ.

Порибувањето е направено на седум локации и тоа во Радожда, Калишта, Струга, Сатеска, Андон Дуков, Охрид и во најдлабокиот дел на езерото.

Директорот на ХЕЦ „Црн Дрим“ Тони Маркоски вели дека ЕЛЕМ ја продолжува традицијата со порибување на Охридско Езеро со подмладок од јагула, поради попречувањето на патот за природен мрест на јагулата со изградба на електраните.

  • АД ЕЛЕМ ја продолжува традицијата  за порибување на Охридското Езеро со подмладок од јагула. Со изградбата на хидроцентралите и попречувањето на природниот пат за мрест на јагулата до Саргаско море и повторното враќање во Охридското Езеро презема обврска да дополнува со количество подмладок за да не се наруши рамнотжата на живиот свет - истакна Маркоски.

Подмладокот од јагула е увезен од Грација, а третото порибување, најави тој, ќе биде за краток период.

  • За две до три недели добавувачот ќе ја донесе следната договрена тура, потоа најмалку 30 дена стои во карантин во мрестилиштето во Шум и откако ветеринарната инспекција ќе утврди дека рибата е здрава и од исправен вид од типот „ангулија ангулија“ во присуство на риболовен инспектор вршиме порибување на езерото - појаснува Маркоски.

Концесионерот за заловување јагули во Струшкиот дел на Охридското Езеро Милорад Чавкоски, посочува дека поради прекинот од пет години намален е бројот на јагули.

  • Охридското Езеро не беше порибено пет години, поради ЕУ регулативи за влез и излез на јагулата што се одрази врз фондот на јагулата. Ова е збогатување на рибниот фонд на Охридското Езеро и е корисно за нас, а од порибувањето што го правиме сега  бенефитот ќе го имаме за десетина години - вели Чавкоски.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS