mksqen
11
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Југохром почна со гасење на печките

Југохром почна со гасење на печките

Типографија

„Југохром“ од Јегуновце почна со гасење на печките, по одлуката на Државниот инспекторат за животна средина за престанок на работата на комбинатот, информираат од раководството на компанијата.

  • Одлуката на Државниот инспекторат за животна средина ние мораме да ја почитуваме и започнавме со гасење на печките во текот на изминатата ноќ. Бидејќи станува збор за технолошки процес постапката оди постепено и до полноќ односно за 24 часа од почетокот на гасењето, сите печки на фабриката ќе бидат изгасени - вели генералниот директор на „Југохром“ Васко Скендеровски.

Тој посочи дека побарале продолжување на рокот за поставување на системот за отпрашување бидејќи од рокот што го добиле на 31 октомври 2014 околу 20 месеци чекале за добивање на дозволата за градба што се случило на први јули годинава.

  • Оттогаш е направено многу, поставени се бетонските темели и сега треба да се постави челичната конструкција. Сакавме продолжување од 18 месеци што ги загубивме со администартивната процедура, но немаме добиено одговор од Владата на ова наше барање по што започнавме со гасење на печките - вели Скендеровски.

Тој најави дека ќе продолжат со градежните работи за поставување на системот за отпрашување, но напомена дека во услови кога фабриката не работи активностите ќе се одвиваат со забавено тепмо. Очекува дека до средината на следната година овој систем ќе биде поставен. Скендеровски најави дека во следните денови ќе одржат состанок заедно со сопственикот по што ќе се реши како ќе продолжат понатаму и што ќе биде со работниците што моментално се вработени во „Југохром“.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS