mksqen
11
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Крива Паланка ќе потроши 1,3 милиони денари за јавни зелени површини

Крива Паланка ќе потроши 1,3 милиони денари за јавни зелени површини

Типографија

Oпштина Крива Паланка од годинашниот буџет ќе издвои 1,3 милиони денари за одржување и уредување на јавни зелени површини и речни регулациски корита.

Од вкупно предвидените средства за Програмата за одржување јавни зелени површини во град Крива Паланка ќе бидат потрошени 765.000 денари.

За одржување јавно зеленило, косење и собирање трева, обнова, одржување на дрвјата, одржување и кроење украсни грмушки, сезонско и трајно цвеќе, фитосанитетска заштита на растенијата, депонирање на собраниот отпад и останати задачи се планира да бидат потрошени 720.000 денари. Вкупно 45.000 денари од оваа програма ќе се издвојат за посебна активност, сечење и отстранување дрва од јавни површини по решенија донесени од комунален инспектор.

За одржување речни регулациски корита, зелени површини во рамки на регулациите на Крива и Дурачка Река наменети се околу 575.000 денари. Во овој сегмент се вклучени собирање отпад, вадење врби и дрвенеста вегетација, рачно и машинско косење трева и нејзином собирање, што ќе се реализира на вкупна површина од 97.500 метри квадратни.

Програмата ќе ја извршува Јавното комунално претпријатие „Комуналец“, Крива Паланка, а контрола и надзор ќе врши Одделението за инспекција, преку комуналната инспекција, утврдувајќи ги квантитетот и квалитетот на извршените услуги.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS