Евроамбасадорот Самуел Жбогар во Кичево официјално ја почна кампањата на Делегацијата на ЕУ под мотото „ЕУ за тебе“.
Главната цел на кампањата е подигнување на свеста и информирање на јавноста за помошта на Европската унија во Македонија. Кампањата „ЕУ за тебе“ има тематски пристап и почна со истакнување на важноста на одржувањето на чиста животна средина која е една од клучните политики и секторски приоритети на ЕУ и областа во која инвестира Унијата.
- Целокупната помош од ЕУ во областа на животната средина изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на ИПА 1 (2007-2013). Планирана е натамошна поддршка во вредност од 100 милиони евра во рамките на финансиската распределба од ИПА 2 фондовите - рече Жбогар.
За Кичево, додаде тој, ЕУ обезбеди финансиски средства во износ од 5,2 милиони евра за изградба на печистителна станица и главен колектор во должина од четири километри.
- Со помош на ЕУ и ИПА фондовите во тек е изградба на пречистителна станица за отпадни води во која спаѓа и техничката подготовка заедно со секундарната мрежа која ќе треба да се гради во регионот на Зајас - рече градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари.
Проектот во вкупна вредност од 7,5 милиони евра се реализираше во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, општина Кичево и јавните комунални претпријатија.