Проектот за развој на еколошкото истражувачко новинарство што го спроведува Центарот за еколошка демократија Флорозон во соработка со организацијата Сумнал, а со поддршка од Европската унија, денеска беше претставен во Тетово.
Претставници и соработници на Флорозон, како и претставници на локалните невладини еколошки организации, учествуваа на дебата во телевизијата Кис, каде што го претставија проектот и укажаа на потребите од развој на еколошкото истражувачко новинарство.
- Потребно е проактивно, а не само реактивно новинарство. Да се известува постојано, а не само кога има некои вонредни девијации на состојбите со животната средина. За тоа треба да се воспостави партнерство меѓу медиумите и граѓанските организации и токму тоа е целта на проектот - нагласи Кирил Ристовски, претседателот на Флорозон.
Граѓаните на Тетово можеа да се запознаат со проектот и со начините како тие би можеле да се вклучат во него и преку промотивните флаери што ги делеше организацијата.