mksqen
11
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Задутре протест поради загадувањето на воздухот

Задутре протест поради загадувањето на воздухот

Типографија

Група граѓани и еко-активисти в среда повикуваат на протест поради загадувањето на воздухот во Скопје.  Почетокот на протестот е закажан за 17 часот кај фонтаната во Градскиот парк.

Загадувањето на воздухот е најголемо досега, дури 20 пати над нормалата, а болестите и смртноста поради него драстично се зголемуваат, порачуваат организаторите.

- Најмногу страдаат децата, кои секојдневно се движат одејќи на училиште или во градинка, но и сите граѓани кои живеат и работат во Скопје. А локалните и централните власти власти не преземаат ништо! Демонстрираат тотална негрижа за здравјето и животот на населението - се вели во повикот.

Се додава дека во Париз Франција, загадувањето достигна 146 микрограми на метар кубен и веднаш се преземале мерки, додека во Скопје со измерени над 1.000 микрограми ПМ10 честитки, нема никакви мерки, што е недозволиво.

- Граѓани, мерките во Париз се преземени бидејќи ако тоа не се случи, жителите на Париз за кратко време ќе излезат на протест и ќе го побараат тоа од нивните градоначалници и министри. Ние не смееме да молчиме. Ако ги сакаме своите деца, ако се сакаме себе и своите најблиски, мора да излеземе на протест и да побараме итни мерки за чист воздух - додаваат организаторите.

Тие подготвиле листа од 16 барања, и тоа воведување пар-непар за моторните возила, забрана за движење на возила кои се без катализатори за издувни гасови, бесплатен градски превоз цела зима, итна набавка и бесплатна поделба на маски со потребни стандарди за заштита за целото население на Скопје, излегување на терен и зголемен број инспекциски тела за контола на начинот на греење на граѓаните, обезбедување бесплатен огрев за граѓаните кои се грејат на гуми и на други штетни материи поради нивната економска состојба, ненајавени контроли на оџаците на индустриските капацитети за кои постои сомнеж дека загадуваат, привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети за кои постои сомнеж загадуваат, формирање кризен штаб во Центарот за управување со кризи кој ќе ја следи состојбата и ќе предлага и презема итни мерки против загаденоста на воздухот, запирање на сите градежни работи во Скопје, почесто и потемелно чистење на улиците од улична прашина, полициски контрола на возила кои носат нечистотија на гумите, особено на тие што излегувата од градилишта,  како и контрола дали се спроведуваат обврските за чистење на јавните површини околу градилиштата. Рокот за да се исполнат сите овие мерки е 3 јануари 2017 година.

Понатаму, се бара да се набават велосипеди и бесплатно да се делат, во рок од 10 дена од денот на протестот. Организаторите поставуваат и барања до новиот парламент, и тоа да се донесе закон за забрана за уништување на каква било  вегетација, односно кој ќе исече дрво или ќе уништи парк да добие затворска казна од 10 години, како и да донесе законска регулатива според која доколку загадувањето ја надмине пропишаната нормала веднаш да се преземаат мерки. Активистите бараат парламентот да ги усвои овие барања најмногу пет дена по конституирањето.

Се нагласува дека протестот е граѓански и не е поддржан од ниту една политичка партија.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS