Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, во паркот крај зградата на ОН во Женева посади дрво од јапонскиот град Хирошима, што е подарок од градоначалникот Кадзуми Мацуи, кој е и претседател на асоцијацијата „Градоначалници за мир“.
Дрвото е гинко билоба, што може да порасне до 15 метри во височина.
- Ова дрво е симбол на издржливоста и на мирот и се сади во спомен на оние кои загинаа на 6 август 1945 година, кога атомска бомба експлодира во Хирошима - изјави Бан на церемонијата.
Дрвото, сега високо еден ипол метар, е „потомок“ на дрвото гинко билоба, што ја преживеало атомската катаклизма во Хирошима.
-Државите, кои поседуваат нуклеарно оружје, имаат специјална задача да ги елиминираат своите арсенали - рече Бан и потсети дека за сите земји треба да е приоритет продолжувањето на преговорите за нуклеарно разоружување.