mksqen
11
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Индиските нафтени компании вложуваат во развој на електричните возила

Индиските нафтени компании вложуваат во развој на електричните возила

Типографија

Нафтените компании во Индија ги разгледуваат можностите да инвестираат во производството на литиум-јонски батерии, откако државата објави дека планира до 2030 година да се возат само електрични возила.

Владата одлучи по само 13 години сите автомобили, моторцикли и скутери да бидат електрични, што ги натера производителите на нафта да бараат начини како ги надоместат своите загуби на пазарот. Меѓу компаниите што вложуваат во истражувањата на нови батерии е и Индиската нафтена корпорација, која е најголема национална нафтена компанија во Азија и 18-та во светот. Ако истражувањата се успешни, компаниите може да инвестираат и во производството.

  • Бараме остварливи и еколошки решенија за пазарот на електрични возила, и литиум-јонските батерии се интересна опција - вели НС Раман, главен истражувач во Индиската нафтена корпорација.

Според планот на Владата, со вложувањето на 2,2 милијарди долари од државни и од приватни инвестиции, бројот на електрични возила во Индија треба да се зголеми на шест до седум милиони до 2020 година, од 130 илјади регистрирани денес. Една од целите е Индија повеќе самостојно да си ги задоволува потребите од енергија, и наместо да увезува нафта како сега, да извезува чисти транспортни технологии во Кина и во Европа.

Првата експериментална литиум-јонска батерија беше направена во Индија минатата година од Советот за научни индустриски истражувања.

  • Индија сега увезува меѓу пет и шест милиони литиум-јонски батерии од Јапонија, Кина и од Јужна Кореја секој месец. Овој пронајдок може да и помогне на земјата повеќе да се потпира на своето производство - вели С Гопукумар, водечки истражувач.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Свет