Членови на меѓународната хуманитарна организација „Четири шепи“ ги однеле последните 15 животни од една зоолошка градина во појасот Газа, која е наречена „најлоша во светот“.
Тие од Газа влегле во Израел со тигар, пет мајмуни, бодликаво прасе, птица ему и со други животни, надевајќи се дека на друго место ќе им овозможат подобар живот. Поголемиот дел од нив ќе се однесат во Јордан, а тигарот во Јужна Африка.
Со тоа оваа зоолошка градина, која се наоѓа во местото Кан Јунис, е практично затворена. Организацијата соопштила дека градината имала финансиски проблеми оваа година и не можела да им овозможи на животните соодветна грижа и храна. Самиот сопственик на градината ја замолил организацијата за помош, и таа обезбедила храна и ветеринарни прегледи, но подоцна одлучила дека животните треба да се преместат.
- Условите за живот беа далеку од идеални. Нивните нови домови ќе бидат големо подобрување - рекол Амир Калил, кој ја предводел задачата во Газа.
Очајната состојба со зоолошките градини во Газа е позната од порано. Градината во Кан Јунис, на пример, ги чувала угинатите животни и ги изожувала препарирани, а за други градини се известуваше дека им цртале линии на магарињата за да изгледаат како зебри.
„Четири шепи“ и порано спасувале животни од Газа. Сложената и тешка политичка и економска состојба во појасот придонесува да биде многу тешко таму да се одржуваат зоолошки градини ниту според минималните стандарди. Освен тоа, голем број градини се во приватна сопственост а нивните сопственици немаат ниту знаење, ниту искуство за соодветно да се грижат за животните.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS