Советот на општина Крива Паланка ја усвои годишната програма за јавна чистота за следната година. Активностите од Програмата ќе се реализираат со буџет од околу пет милиони денари.
Со годишната Програма за јавна чистота е предвидено метење и миење јавни површини, зимско одржување на приоритетни отворени јавни површини, одржување речни регулациски корита, чистење наноси од јавни површини, одржување атмосферски канализации, изградба и одржување јавни санитарни јазли, поставување и одржување соодветни садови за отпад.
Метењето на јавни површини е поделено на три зони, во кои се врши метење еднаш дневно, два пати или еднаш во месецот. Оваа активност ќе се спроведе со средства во висина од 1,9 милиони денари. Миењето на јавните површини е поделено во две зони, а за овој сегмент е предвиден буџет од 1,1 милион денари.
Програмата за зимско одржување на јавни-отворени површини ќе ја реализира Јавното претпријатие „Комуналец“ од Крива Паланка со околу 550 илјади денари од вкупниот буџет на Програмата за јавна чистота, со која е предвидена изградба на нов јавен градски тоалет и доуредување на постојниот, лоциран на градскиот зелен пазар.
Ќе се изврши набавка на нови 20 контејнери со големина од 1,1 метар кубен, со што ќе бидат заменети сите стари контејнери во градскиот реон. Ќе се набават и нови 30 мали садови за отпад со големина од три до 50 литри, како дополна и замена на постојните.