mksqen
11
Пет, Окт
0 Нови / 7 дена

Застарените мерачи го спуштија и онака ниското ниво на Охридското Езеро

Застарените мерачи го спуштија и онака ниското ниво на Охридското Езеро

Типографија

Нивото на водата на Охридското Езеро е минус 11 cантиметри, а не минус 17 како што покажуваше информативната табла (дисплејот) поставена на водомерната станица во Охрид.

Ова го потврди екипата хидролози на УХМР која изврши проверка на инструментите и водостојот на водомерната станица откако охриѓани и Хидробиолошкиот завод реагираа за нискиот водостој на Езерото. Разликите на дисплејот со оние на реалниот водостој се пред се поради наслагите од песок и мил околу мерниот сензор.

  • Со контролата на водостојот е утврдено дека нивото на Езерото било четири cантиметри под дозволениот минимум. Оваа информација е проследена до ЕЛЕМ, а оттаму веднаш реагираа со намалување на истекот кај Струга. За подобро читање, пак, беше извршена замена на водомерните летви, а беше пристапено и кон чистење на бунарот каде што се наоѓа мерниот сензор од автоматската станица и дисплејот - информираат од УХМР.

Управата, како што наведува, има задача да ги мониторира водостоите на водотеците и езерата и доколку се забележат одредени пропусти, да реагира и тие да се поправат. Во овој случај поради застареност на водомерните летви и поради наслаги од мов, алги и школки, водостојот бил погрешно отчитан од страна на набљудувачот од Охрид.

По чистењето се очекува подобрување на информацијата од дисплејот за нивото на Езерото. Поради тоа, во наредните денови дисплејот ќе остане да работи за да се тестира неговата веродостојност. Доколку и натаму дава погрешни податоци, ќе се исклучи додека не се направи детален сервис и замена на софтверот. По извршениот сервис дисплејот повторно ќе биде вклучен.

  • Изминатите две недели се вршeа проверки на квалитетот на мерењата, како на дисплејот, така и на автоматската станица во споредба со оние на набљудувачот на УХМР. При мерењата беа забележани разлики на температурата на воздухот и водата, но и на водостојот на Езерото. Со сервисерот на дисплејот е договорено да се следи ситуацијата и да се изработи подобрен софтвер - нагласуваат од УХМР.

Поради фактот што водите од Езерото се користат и за производство на електрична енергија, од УХМР велат дека за да се зачува растителниот и биолошкиот свет во езерото каде егзистираат организми постари и од два милиона години, на ниво на Република Македонија е донесен Договор со кој се регулира испуштањето на водата од езерото, а ЕЛЕМ кој стопанисува со испуштањето на водите од езерото кај Струга е обврзан да го почитува, па поради тоа има и сопствен мониторинг. Според овој Договор, максимално дозволената кота на езерото е 693,75 метри. Во случај на малуводие во сливот на езерото, односно при ниски водостои, како што има во моментов, дозволениот минимум е на кота од 693,10 (H=-7cm).

  • Во текот на декември 2016 на метеоролошката станица во Охрид има забележано само 10 литри на метар квадратен врнежи, вредност која е под просекот и која за периодот од 1981-2010 изнесува 81 литар или за 71 литар помалку од просечната вредност. Во јануари, метеоролошката станица во Охрид забележа 18 литри на метар квадратен и тоа врнежи кои главно беа во вид на снег. Просекот за јануари за периодот од 1981-2010 е 59 литри, што значи врнежите беа помали за 41 литар под просечната вредност, соопштија од  УХМР.

Ваквата состојба со врнежите, додава Управата, директно влијае на нивото на Езерото и очекувана е ваква реакција на Езерото, т.е. ниски водостои и сосема е нормално оваа тенденција да продолжи, зашто во зимските месеци очекувани се минимални зимски екстреми пред се поради слабите врнежи, но и поради ниските температури кои влијаат негативно на природниот истек.

На нивото на езерото има влијание и начинот на кој се стопанисува со езерото - колку вода се испушта.

  • Од  ЕЛЕМ добивме информација дека до скоро се испуштале седум метри кубни во секунда и дека по потврдената информација дека нивото на езерото е под дозволениот минимум, се испуштаат 3 до 4 метри кубни пред се за задоволување на биолошкиот минимум на Црн Дрим на потегот од Струга до Езерото Глобочица, информираат од УХМР.

Водостојот сега е за пет сантиметри пониско од дозволениот минимум.

ЕЛЕМ веќе го намали истекот на водата од Езерото кај Струга и водостојот на Црн Дрим кај Ложани кое беше пониско за 55 cантиметри. Со намалувањето на испустот на водата од Охридското Езеро кај Струга, се очекува во наредниот период нивото во езерото да стагнира, па постепено да почне да расте, потенцираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS